Герасимовски: Доделени пехари и награди на Пензионерските спортски игри, Центар го поттикнува активниот живот во третото доба
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, им додели 30 пехари и симболични награди на победниците на Пензионерските спортски игри 2026, кои се натпреваруваа во пет дисциплини : пикадо, табла, домино, фудбал и кошарка, во машка и женска конкуренција.
„Честитки до нашите пензионери за спортскиот дух и ентузијазмот што ги покажаа на овие игри. Ова е уште еден успешен проект посветен на активниот живот, рекреацијата и дружењето на нашите сограѓани од третото доба. Пензионерите се активни граѓани кои заслужуваат внимание, почит и можност да бидат вклучени во општествениот живот“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Општина Центар континуирано организира активности за пензионерите, со цел да поттикне дружење, рекреација и меѓусебна поврзаност.
„Настанот што неодамна го реализиравме со нашите пензионери, „Носталгија за корзо – сеќавање за едно убаво време“, навистина одлично беше прифатен. Пензионерите од цело Скопје излегоа на прошетка во граскиот центар, а со игранката ги вративме спомените на едно поинакво време. Со оваа спортска манифестација покажавме дека годините не се пречка за активен живот, дружење и натпреварувачки дух“, порача Герасимовски.