Герасимовски: Центарски улици 4, Уметноста повторно го оживеа срцето на Скопје

News
1
04/16/2026 - 14:19

Герасимовски: Центарски улици 4, Уметноста повторно го оживеа срцето на Скопје

Вчера, во централното градско подрачје, на пешачката зона „Улица Македонија“ и низ Дебар Маало, успешно се одржа четвртото издание на културната манифестација „Центарски улици“, во организација на Општина Центар.

Проектот, кој се реализира во рамки на Програмата за култура, прераснува во препознатлива традиција што го активира јавниот простор преку уметност и создава сцена за промоција на млади уметници. Годинава, на „Центарски улици 4“ учествуваа над 30 уметници, кои со својата креативност го збогатија градскиот живот и донесоа нова енергија во центарот на Скопје.

Во текот на целиот ден, илјадници граѓани уживаа во разновидна програма која опфати диџеј сетови, ликовна колонија, улични перформанси, живи статуи и музички настапи. Посебен интерес предизвикаа настапите на Дина Јашари, Тони Зен и бенд, како и уличните уметници кои го направија просторот динамичен и инспиративен.

„Центарски улици веќе четврта година покажува дека културата не треба да биде затворена во институции, туку да живее меѓу луѓето. Горди сме што создадовме настан кој прераснува во традиција и кој им дава простор и глас на младите уметници. Со вакви иницијативи го градиме културниот идентитет на Центар и го враќаме духот на градот таму каде што најмногу се чувствува – на улиците, меѓу граѓаните“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Овогодишното издание има и дополнително значење, бидејќи се реализира во рамки на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општина Центар.

Настанот се реализираше во соработка со Здружението на граѓани „Тим Театрос К Скопје“, кое повеќе од 15 години активно делува во областа на уличната уметност.

Со „Центарски улици“, Општина Центар продолжува да го гради својот културен идентитет и да создава настани кои го зближуваат градот, уметноста и граѓаните.

Submitted by miai on Thu, 04/16/2026 - 14:18