Врз основа на член 36 став (1) точка 15 и член 50 став (1) точка 4 од Законот за локалната самоуправа (''Службен весник на РМ'' бр.5/02 и ''Службен весник на РСМ'' бр.202/24), член 17 и 17-а став (2) од Законот за јавните претпријатија (''Службен весник на РМ'' бр. 38/96, 9/97, 6/02, 40/03, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19 и ''Службен весник на РСМ'' бр. 275/19, 89/22, 274/22, 208/24 и 193/25), a во врска со Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите (''Службен весник на РСМ'' бр.213/2024) и Одлуката за објавување на Јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати, за избор на членови на Управен одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар – Скопје бр. 08-525/32 од 29.01.2026 година, Градоначалникот на Општина Центар објавува
за пројавување на интерес за пријавување на кандидати, за избор на членови на Управен одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје
- ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на Јавниот повик е спроведување на постапка за избор на (5) пет членови во управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар – Скопје, со седиште на Бул. Гоце Делчев бр.14, чиј основач е Општина Центар .
Мандатот на членовите на управниот одбор е (4) четири години, со право на уште еден последователен мандат.
Постапката ќе се спроведе согласно Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите (''Службен весник на РСМ'' бр.213/2024).
- ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество имаат сите лица кои ќе пројават интерес за пријавување на кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени во Јавниот повик.
Јавниот повик со сите услови ќе биде објавен на веб страната на Општина Центар www.centar.gov.mk и на веб страната на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар – Скопје www.poc.mk.
- УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ИСПОЛНАТ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
За член на управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
- е државјанин на Република Северна Македонија,
- има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен Vll/1 степен образование, и
- во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Членовите на управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје, треба да имаат најмалку (5) пет години работно искуство, од кои:
- најмалку 1 (еден) член на управниот одбор со работно искуство од областа на финансиско работење и
- најмалку 1 (еден- член на управниот одбор со работно искуство од областа на правните работи.
- РАБОТНИ ЗАДАЧИ, ОДГОВОРНОСТИ, ПРАВА И ОБВРСКИ НА УПРАВЕН ОДБОР
Согласно член 19 од Законот за јавните претпријатија, Управниот Одбор, ги извршува следните работни задачи, одговорности, права и обврски и тоа:
- Го донесува статутот на јавното претпријатие;
- Ги усвојува програмата за работа и развој на јавното претпријатие;
- Ја утврдува деловната политика;
- Ги усвојува тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие;
- Одлучува за употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие и покривањето на загубите;
- Ги донесува одлуките за инвестиции;
- Ги утврдува цените на производите и услугите;
- Одлучува за внатрешната организација на јавното претпријатие;
- Го донесува актот за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавното претпријатие;
- Врши други работи утврдени со актот за основање и статутот на јавното претпријатие.
- НАДОМЕСТОК
Претседателот и членовите на управниот одбор на јавното претпријатие имаат право на месечен надоместок за својата работа, врз основа на присуство на седници на управниот одбор на јавното претпријатие.
Вкупниот месечен надоместок на претседателот и членовите на управниот одбор поединечно, не смее да го надмине износот од една половина од просечната нето плата на вработените во јавното претпријатие исплатена во претходната година.
Висината на месечниот надоместок за претседателот и членовите на управниот одбор на јавното претпријатие со одлука го утврдува основачот на јавното претпријатие.
- НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Задолжителни документи кои треба да бидат доставени како доказ за исполнување на условите за кандидат за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје се:
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија,
- Уверение или диплома за завршено високо образование и стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VIl/1 степен образование,
- Потврда дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- Потврда за евидентиран стаж од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија,
- Кратка биографија,
- Сертификати, лиценци, уверенија, дипломи издадени од овластени односно акредитирани институции за нивно издавање согласно закон.
Задолжителните документи кои ќе служат како доказ треба да бидат доставени во хартиена форма, во оригинал или копија заверена на нотар.
- ПОСТАПКА ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ЧЛЕНОВИТЕ
Постапката за селекција на членови на Управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје се состои од две фази и тоа:
- Фаза 1 - административна селекција (фаза во која се врши проверка на внесените податоци во пријавата со условите од јавниот повик кои треба да се идентични со условите утврдени во Законот за јавните претпријатија, како и на доставените докази и се врши нивно бодување) и
- Фаза 2 - интервју (фаза во која преку ситуациони и стручни прашања и практични задачи се проверуваат општите и посебните работни компетенции на кандидатот и се врши нивно бодување, а се поставуваат и општи прашања со кои се проверува интересот и мотивацијата на кандидатот за работата, прашања за неговото претходно работно искуство, очекувањата на кандидатот и сл.).
Точниот датум, време и место на оддржување на интервјуто ќе бидат објавени на веб страната на Општина Центар: www.centar.gov.mk .
- РОК И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Јавниот повик се објавува на ден 09.03.2026 година и трае 5 (пет) дена, односно најдоцна до 14.03.2026 година.
Денот на објавување не се засметува во рокот. Доколку рокот за пријавување завршува во неработен ден односно празник, рокот за пријавување се пренесува на првиот нареден работен ден.
Пријавените кандидати соодветната документација во хартиена форма, во оригинал или копија заверена на нотар заедно со пополнета Пријава на образец за пријавување (која е во прилог кон повикот) да ја достават до:
Aрхивата на Општина Центар, ул. Михаил Цоков бр. 1, Скопје, РС Македонија (со назнака: За Јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на членови на управен одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар - Скопје) од 09:00 часот до 15:00 часот секој работен ден.
Незадоволните кандидати од изборот за членoви во управниот одбор на јавното претпријатие имаат право да поведат управен спор до надлежен суд согласно со Законот за управни спорови.
Напомена: Пријавите кои содржат нецелосни податоци и некомплетна документација, како и тие што нема да бидат доставени во определениот рок, нема да бидат предмет на разгледување.
ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ЦЕНТАР