Герасимовски: Сите ученици во Центар со нови униформи, првачињата добија ранци и прибор

News
Сите ученици во Центар со нови униформи, првачињата добија ранци и прибор
09/01/2025 - 10:50

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска го посети ООУ „Киро Глигоров“ кадешто им посака убав старт во новата учебна година на сите првачиња и ученици. Герасимовски, истакна дека од оваа година, за првпат се обезбедени училишни униформи за сите ученици коишто сабајлево им беа доделени на учениците.

„И оваа година, како и претходните, за првачињата обезбедивме нови ранци и училишен прибор. Од оваа учебна година, за првпат, обезбедивме и униформи, за да нашите ученици се чувствуваат удобно, но и еднакво помеѓу себе. Сакаме нашите ученици со гордост да ја чувствуваат припадноста кон своето училиште и кон општината Центар во која живеат“, рече Герасимовски.

Герасимовски, истакна дека подолг временски период се работи да се креира оригинална и вистинска работна атмосфера во училиштата во Центар.

„Започнавме практика за настава без мобилни телефони и постојано работиме да создадеме средина на вредности, на етички и морални норми, во која учениците се толерантни, се поддржуваат и соработуваат. За булинг, за насилство, во Општина Центар нема место, Ве уверувам во тоа! Интензивно ги поддржуваме Вашите и нашите таленти и успешни ученици, затоа што тоа е исправниот начин да имаме здрава конкуренција и прогрес на заедницата! Доделуваме и ќе доделиме и оваа година над 120 Стипендии за талентирани ученици, во конкретните научни области и спортски активности. Сакаме да дадеме шанса на учениците, да бидат новата енергија и вредност на нашата општина, град и држава. За мене, за нашата општина, најважни се луѓето, најважни се нивните права и интереси, бидејќи за нив постоиме. За нив секојдневно работиме и со мојот тим се трудиме да ги исполниме барањата и потребите. Подеднакво, јасно и јавно, со фокус и со очекувани резултати“, потенцираше Герасимовски.

Тој на децата им посака многу здравје, среќа и заеднички успеси.

„Денес за Вас е голем ден. Ден кој се случува само еднаш и се памети цел живот. Знам дека возбудата е огромна, и дека чувствата на радост и гордост ги исполнуваат Вашите срца. Сакам искрено да кажам дека и јас го чувствувам истото. Со истата возбуда и среќа, како кога моите два сина, Стефан и Борјан, станаа првачиња, така и денес, како и секој минат и иден 1 Септември, ја чувствуваме и заеднички ја споделуваме радоста и најдобрите желби за нашите најмлади, за нашите најмили. Заедно со Вас, полека, но сигурно, успеваме да ја менуваме нашата општина на подобро. Тивко, но сигурно! Јасно, јавно и видливо! Со добра мисла, со визија, со мудрост и разбирање!“, посочи Герасимовски.

Герасимовски, истакна дека секој е важен, и никој во Центар не е сам. Зад секој граѓанин стои Општината која е сервис, која има слух, знаење и капацитет за решавање на потребите.

„Центар е срцето на Скопје, Центар мора да биде најдобар за своите жители! Така работевме до сега, така ќе биде и следните години! Од срце, Ви посакувам многу здравје, среќа и лични и заеднички успеси! Со среќа првачиња!“, рече Герасимовски.

Галерија
Submitted by miai on Fri, 09/05/2025 - 10:49