Со нов тренер и нова енергија, Работнички го враќаме на победничките патеки

News
Герасимовски: Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка
Работнички го враќаме на победничките патеки
07/02/2025 - 11:51

На состанокот се разговараше за плановите за новата сезона, тековните подготовки и втората фаза од реконструкцијата на салата во Градски парк.

„Работнички е клуб со богата историја и длабоки корени, но и со предизвици кои ги надминуваме заедно. Верувам дека со новиот стручен тим и новата сала, повторно ќе бидеме меѓу водечките имиња во македонската и регионална кошарка“
- рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со директорот на клубот Горан Веселиновски и новиот тренер Владимир Мирковски.

Герасимовски ја истакна својата поддршка за новиот тренер, Владимир Мирковски, кој зад себе има повеќе од 20 години искуство, докажан пристап во работа со млади играчи и способност да гради тим со силна хемија. Мирковски е етаблирано име во регионот, со тренерска кариера во клубови како Војводина (Србија), Вардар, МЗТ Скопје, Академија ФМП и Куманово, а двапати е прогласен за најдобар тренер од Кошаркарската федерација на Македонија.

Како дел од стручниот тим, се приклучува и Сашо Тодоровски како помошен тренер, со меѓународно искуство како стручен соработник во елитниот ЦСКА Москва.

Во новиот состав, репрезентативците ќе останат, а приоритет ќе им се даде на младите македонски кошаркари, кои ќе добијат вистинска шанса да ја изградат својата кариера и да го носат идентитетот на Работнички.

Герасимовски информираше дека реконструкцијата на салата е во полн ек, а веќе следната сезона клубот ќе ја игра во својот нов дом.

Салата се уредува според ФИБА стандарди, со нови трибини и седишта, модернизирани соблекувални, туш-кабини, климатизација и осветлување.

Submitted by alfa4 on Wed, 07/02/2025 - 11:46