Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во пресрет на новата учебна година им посакува среќен и успешен старт, примерно поведение и многу нови другарчиња.
„Почетокот на новата учебна година секогаш носи голема возбуда, среќа и големи исчекувања, особено за малите првачиња. За да предизвикаме уште поголеми насмевки и среќа како и успешен старт на своето образование и оваа година на сите наши првачиња запишани во нашите осум основни училишта ќе им подариме бесплатни ранци. Знаењето е столбот на државата затоа да вложуваме уште во самиот почеток, да зборуваме за бенефитите од стекнувањето нови знаења со цел да изградиме млади и успешни генерации“ порачува Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи континуирано да вложува во основните образовни институции затоа што тие се никулецот на здрави и успешни млади генерации кои се движечката сила на општествата. Квалитетното образование не зависи само од добриот наставен кадар туку и од добрите услови во образовните институции каде наставниот процес треба да се одвива непрекинато. Целта на Општина Центар е сите основни училишта да бидат на највискоко ниво и нашите деца да го добиваат најдоброто и најквалитетното образование.