ЈАВЕН ПОВИК за доделување на финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик од Општина Центар-Скопје

Kumtesat
Alarmi
1
26.10.2026

 

1

 

ЈАВЕН ПОВИК

за доделување на финансиска поддршка на пензионери
во социјален ризик од Општина Центар-Скопје

 

Општина Центар-Скопје распишува Јавен повик за доделување на финансиска поддршка наменета за пензионери во социјален ризик, кои имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Центар-Скопје. Согласно Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на децата на Општина Центар-Скопје за 2026 година, во рамките на мерката „Поддршка за повозрасните граѓани – пензионери во социјален ризик“, се обезбедуваат средства за еднократна финансиска поддршка на пензионери кои се наоѓаат во социјален ризик, со цел подобрување на нивната материјална и социјална сигурност, олеснување на трошоците за секојдневно живеење и обезбедување поддршка за најранливите категории повозрасни граѓани.

Јавниот повик е отворен од 26.10.2026 година и ќе трае до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена во Буџетот на Општина Центар-Скопје за 2026 година.Висината на еднократната финансиска поддршка ќе изнесува 5.000,00 денари по корисник, а доделувањето ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“, до исцрпување на расположливите средства.

Финансиската поддршка се однесува на следната категорија граѓани:

  • граѓани кои имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Центар-Скопје;
  • приматели на старосна, семејна, инвалидска пензија или корисници на право на социјална сигурност за стари лица, чиј износ на пензијата, односно право не е повисок од 28.050,00 денари, согласно просечно исплатената пензија во Република Северна Македонија за август 2026 година.

Критериуми

За остварување на правото на финансиска поддршка, заинтересираните граѓани треба да ги исполнуваат следните критериуми:

  • лицето – пензионер да е корисник на старосна, семејна, инвалидска пензија или право на социјална сигурност за стари лица;
  • лицето – пензионер да има постојано живеалиште на територијата на Општина Центар-Скопје;
  • износот на пензијата, односно правото на социјална сигурност за стари лица да не надминува 28.050,00 денари.

Потребна документација

За остварување на правото, заинтересираните граѓани треба да достават:

  • Барање за доделување на финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик;
  • копија од лична карта;
  • копија од трансакциска сметка;
  • за корисниците на старосна, семејна или инвалидска пензија – доказ за примена пензија за месец јули или август (потврда/чек издаден од банката во која се прима пензијата);
  • за корисниците на право на социјална сигурност за стари лица – потврда/решение издадено од надлежниот Центар за социјална работа – ЦСР Центар.

Барањето за доделување финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик е достапно во просториите на Општина Центар-Скопје – Архива на Општина Центар-Скопје, барака 6, како и на веб-страницата на Општина Центар-Скопје.Потребната документација може да се достави секој работен ден, од 08:30 до 13:00 часот, во барака 6 – Сала на Советот на Општина Центар-Скопје, исклучиво во писмена форма.

Документација доставена по електронски пат или по пошта нема да биде земена предвид при разгледувањето на пристигнатите барања.Комисијата за спроведување на постапката, формирана од Градоначалникот на Општина Центар-Скопје, ќе ги разгледува поднесените барања од Јавниот повик.

За барателите кои ги исполнуваат условите и критериумите, Градоначалникот по предлог на Комисијата ќе донесе Решение за доделување финансиска поддршка на пензионерите во социјален ризик. Исплатата на финансиската поддршка, во висина од 5.000,00 денари, ќе ја изврши Секторот за финансиски прашања на Општина Центар-Скопје, директно на трансакциската сметка доставена од барателот во рамките на потребната документација. Вкупните средства предвидени за реализација на оваа мерка изнесуваат 7.000.000,00 денари, со што финансиска поддршка може да се додели до исцрпување на обезбедените средства.

Ги повикуваме сите пензионери кои се корисници на старосна, семејна, инвалидска пензија или право на социјална сигурност за стари лица, а кои ги исполнуваат условите и критериумите утврдени со овој Јавен повик, да поднесат барање и да го остварат правото на финансиска поддршка.

 

ОПШТИНА ЦЕНТАР-СКОПЈЕ

                                                                                   Градоначалник

                                                                                   д-р Горан Герасимовски

______________________

Submitted by miai on 26.10.2026 - 08:52