Општина Центар е една од десетте општини во Градот Скопје и зазема централно место, па оттука и самите жители ја нарекуваат срцето на Скопје, бидејќи се простира на најубавиот дел од градот. Таа ве прифаќа не само како свој жител, туку и како гостин, минувач и пријател.
Според апсолутната надморска височина од 320 метри, таа се вбројува меѓу најниските општини во државата. Се протега во правец североисток – југозапад. Вкупниот број на жители изнесува 45.362, со што се наоѓа на седмото место во Скопје. Општината се простира на површина од околу 8 км².
Општина Центар, од своето формирање до денес, со право се смета за центар на случувањата во Скопје и Македонија. И покрај многуте промени – од некогашната општина Идадија, нејзиното формирање во 1976 година, како и новата територијална поделба во 2004 година – таа секојдневно пулсира. Израсна во модерен европски, па и светски центар со комплетна урбанизација. Тука секојдневно нешто се случува.
Сакајќи сликовито да ги претставиме границите на Општина Центар, би започнале од подножјето на Водно на југ, од пред манастирот во Капиштец на југозапад, па кон запад – Дебар Маало, Градскиот парк, и кон северозапад – Калето. Понатаму, од Тетовска трошарина кон север – Старата турска чаршија, па кон Крњево, и кон североисток преку Вардар кај Новата железничка станица, Маџир Маало и десно Ново Маало. Потоа преку пругата кај старите гробишта (денес МВР) и Долно Водно – во прегратка ќе ја имате денешната Општина Центар.
Поради својата местоположба и значење, општината е седиште на голем број установи и објекти со архитектонски, историски, административен, културен, политички, образовен и трговски карактер. Таа е и најгусто населениот станбен дел во нашата земја. Тука се наоѓаат: Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Градскиот парк, Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Порта Македонија, Скопската тврдина Кале, црквата „Свети Спас“, Камениот мост, Ристиќевата палата, Старата железничка станица, како и голем број хотели кои нудат пријатен престој и дружење за бројните туристи што ја посетуваат Општина Центар.
Токму затоа, Општина Центар е единствена по својата убавина – таа е делот од Скопје што ги сплотува сите генерации, култури, минувачи и посетители.