Герасимовски: Навреме да препознаеме, навреме да помогнеме,  поддршка и помош за младите во ризик од дрога

Lajme
1
30.09.2026

Герасимовски: Навреме да препознаеме, навреме да помогнеме,  поддршка и помош за младите во ризик од дрога

Општина Центар, во соработка со Здружението ХОПС, обезбедува бесплатна психосоцијална поддршка за младите во ризик од употреба на дроги и за нивните семејства.

Во Дневниот центар за рехабилитација и реинтеграција на ХОПС,  младите и нивните семејства добиваат стручна помош, советување и третман во безбедна средина, без осуда и стигматизација. Достапни се психолошка и психијатриска поддршка, помош од социјален работник, советување за пристап до здравствена заштита и остварување на социјалните права, како и информации за намалување на ризиците поврзани со употребата на дроги.

„Им порачувам на младите дека не се сами и дека имаат каде да се обратат. Понекогаш првиот и најважен чекор е разговорот и довербата во човек кој знае како да помогне. Тоа е и целта на овој проект – да дадеме стручна поддршка навреме, но и да делуваме превентивно, затоа што зависноста може да остави сериозни последици врз животот на младите и нивните најблиски“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од мај до август 2026 година, Дневниот центар го посетиле 71 корисник, при што се реализирани 274 посети и обезбедени 481 услуга. Фокусот е ставен врз младите и нивните семејства, со цел ризикот да се препознае навреме и да се спречи продлабочување на проблемот.

Покрај директната поддршка, преку овој проект се реализираат и активности за информирање и активно вклучување на младите во креирањето информативни и едукативни содржини за злоупотреба на психоактивни супстанции и штетните последици.

Submitted by miai on 30.09.2026 - 13:00