Герасимовски: Подготвени сме за 1 септември и за пречек на нашите првачиња

Lajme
1
24.08.2026

Герасимовски: Подготвени сме за 1 септември и за пречек на нашите првачиња

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа координативна средба со директорите на сите општински основни училишта, на која беа разгледани последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.

На средбата беше потврдено дека училиштата се подготвени за стартот на учебната година и за пречекот на учениците на 1 септември, а особено на првачињата кои за првпат ќе седнат во училишните клупи.

„Подготвени сме за 1 септември. Денеска со директорите на нашите осум основни училишта ги поминавме последните подготовки и сè што е потребно за учениците да ја започнат новата учебна година во добри услови. Посебно се радуваме на нашите првачиња, за кои ова е еден сосема нов и важен почеток.
И оваа година продолжуваме со поддршката за учениците и нивните семејства. Обезбедуваме бесплатни униформи за учениците од прво до деветто одделение и бесплатни ранци за нашите првачиња. Од оваа учебна година започнуваме и со реализација на бесплатниот оброк за учениците од прво до трето одделение, како и со бесплатни екскурзии за повозрасните ученици. Сакаме да им олесниме на родителите, но пред сè да обезбедиме подобри услови и еднакви можности за секое дете во Центар. Нашите деца се наш приоритет и во нив продолжуваме да вложуваме“, изјави Герасимовски.

На средбата со директорите се разговараше и за тековното функционирање на училиштата, условите за настава и сите прашања кои треба навремено да бидат решени пред почетокот на учебната година.

Општина Центар останува во постојана координација со директорите и училишните служби, со цел учениците и наставниците да имаат непречен и успешен почеток на новата учебна година.

Галерија
Submitted by miai on 24.08.2026 - 14:59