Герасимовски за Умно: 12 милиони денари за санација на игралишта, вандализмот причина за постојани реконструкции
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во разговор за Умно.мк за состојбите и односот кон јавниот простор посочува дека општината континуирано спроведува кампањи и мерки за подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на урбаната и јавната инфраструктура.
„Лани поставивме седум нови детски игралишта, имаме околу 50 спортски, детски, маалски и училишни. Планираме нови клупи и 100 канти. Даваме сè од себе да ги одржуваме, но често се оштетуваат и затоа постојано мораме да реконструираме исти игралишта. Апелирам до жителите сите заедно да водиме грижа за овие нешта“, рече Герасимовски.
Тој посочи дека оваа година се издвоени вкупно 19 милиони денари за зелените површини и урбаната опрема, од кои 3 милиони за одржување, 5 милиони за нови канти и држачи, како и 12 милиони денари за санација на детските и спортските игралишта. Дополнително, општината работи и на системски решенија, вклучително и законски измени со цел зајакнување на одговорноста за уништување на јавното добро.
„Со нашиот правен тим иницирав да подготвиме предлог-законски измени за да ги подобриме условите, да ја подигнеме свеста и кај родителите и младите, преку општо-одговорна работа. Тие што кршат или уништуваат дел од јавното добро, заедно со родителите да мораат да го обноват тоа што е уништено. Се формира работна група, предлогот прво беше доставен во ЗЕЛС, едногласно е изгласан од Управниот одбор, а потоа треба да продолжи во Владата. Верувам дека законските измени ќе се направат“, додава тој.
Со доаѓањето на летниот период, како што наведува, се засилува и полициското присуство на локации каде има поголемо групирање на млади, а активностите се спроведуваат во соработка со училиштата, Министерството за внатрешни работи и преку превентивни мерки.
„Доаѓа лето и се трудиме да имаме поголемо полициско присуство на детектирани точки каде најчесто се случува нарушување на јавниот ред и мир“, рече градоначалникот за Умно.мк.