Герасимовски: Го вративме духот на старо Скопје со корзо, игранка и евоцирање спомени

Lajme
1
22.05.2026

Герасимовски: Го вративме духот на старо Скопје со корзо, игранка и евоцирање спомени


Општина Центар синоќа го реализираше настанот „Носталгија за корзо-сеќавање за едно убаво време“, вечер исполнета со музика, игра, емоции и спомени што го вратија шармот  на некогашно Скопје.

Настанот започна со симболично корзо низ централното градско подрачје, а продолжи со игранка во ООУ „Димитар Миладинов“, каде граѓаните повторно ја почувствуваа атмосферата на времето на  незаборавните скопски попладнвени променади и вечери исполнети со музика и танцување.

Во топла и ведра атмосфера,  повозрасните сограѓани евоцираа спомени од младоста, додека помладите имаа можност да го почувствуваат духот и традицијата на старото градско живеење.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека ваквите настани имаат посебно значење за зачувување на автентичниот дух на градот.

„Синоќа успеваме да ги вратиме барем на миг златните скопски времиња. Корзото повторно ги сплоти центарци и покажа дека блискоста, дружењето и почитта сè уште живеат меѓу нас“, порача  Герасимовски.

Манифестацијата беше организирана во соработка со Здружението на пензионери на Општина Центар. 

Локалната самоуправа континуирано организира настани со кои се афирмира културното наследство на јадрото и ги сплотува  граѓаните од сите генерации.

Submitted by miai on 22.05.2026 - 09:11