Герасимовски: Пролетна реконструкција на игралишта во Центар, „Дрвен“, кај КАМ маркет и „Зебра“ со нова опрема и реквизити 

Lajme
1
15.04.2026

Герасимовски: Пролетна реконструкција на игралишта во Центар, „Дрвен“, кај КАМ маркет и „Зебра“ со нова опрема и реквизити 


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостувањето во утринската програма „Македонија наутро“ на МРТВ информираше за тековните активности за реконструкција на детските и спортските игралишта низ општината.


Тој нагласи дека во завршна фаза е целосната реконструкција на познатото игралиште „Дрвен“ во Дебар Маало, каде се поставува нова подлога, нова урбана опрема и нови детски реквизити, како и препознатливата црвена центарска канделабра и модерни клупи.


„Продолжуваме со реконструкција на игралиштето кај КАМ маркет, како и на игралиштето кај ,,Зебра“. Сите оштетени реквизити ќе бидат заменети во текот на овој месец“, додаде тој.

Герасимовски упати апел за зачувување на урбаната опрема и спречување на вандализмот, нагласувајќи дека Општина Центар останува посветена на соработката  со МВР и заеднички активности на терен.

„Соработката со МВР е на високо ниво. Спроведуваме заеднички патроли во кои учествува и општината, заедно со наставниот кадар. Ги посетуваме најфреквентните места каде што се движат младите во вечерните часови и разговараме со нив“, рече Герасимовски.

Тој посочи дека има подобрување во однос на ноќното нарушување на јавниот ред, но дека сè уште постои простор за работа.
„Ќе продолжиме со програми и активности за подигнување на јавната свест, заедно со Министерството за внатрешни работи, со цел да се сузбиваат овие појави“, истакна тој.

Герасимовски потсети дека иницијативата на Општина Центар за справување со вандализмот сè уште е во институционални лавиринти.


„Верувам дека тие иницијативи ќе го видат светлото на денот. Но, ние како општина не застануваме тука,  продолжуваме со нови решенија, не само во делот на малолетничката деликвенција, туку и во урбанизмот и унапредувањето на законските регулативи. Ќе дадеме сè од себе да ги подобриме законските решенија во интерес на граѓаните“, заклучи Герасимовски.

Submitted by miai on 15.04.2026 - 12:44