Герасимовски: Центар се претвора во голема уметничка сцена, спектакл на улица на 15 април
По повод Светски ден на уметноста, утре, на 15 април, Општина Центар ја претвора улица Македонија во отворена уметничка сцена со фестивалот „Центарски улици 4“, кој започнува во 12:00 часот.
„Посетителите ќе имаат можност да проследат богата програма со музички настапи, изложби, улични перформанси и различни уметнички егзибиции, кои ќе го оживеат централното градско подрачје. Повелете, добредојдени сте на забава од утринските до вечерните часови, ќе има за секого по нешто и од сè по малку“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Во рамки на настанот, со кој се обележуваат 50 години од постоењето на Општина Центар, граѓаните ќе уживаат во жонглирањето на уличните артисти, ќе можат да се фотографираат со живите статуи и да танцуваат во ритамот на добрата музика.
Фестивалот започнува во 12:00 часот со диџеј сет на Папак Басс и ликовна колонија, а во текот на денот следуваат улични перформанси и шоу настапи на Фаз Бабл, Кристијан Бенито и Ѓурчиновски.
Во вечерниот дел од програмата, од 18:00 часот ќе настапи кантавторката Дина Јашари, по што следуваат диџеј сетот на Бугимен и концертот на Тони Зен и бенд, со што ќе кулминира забавата на отворено.
Фестивалот е наменет за сите категории граѓани и носи целодневна енергија, забава и инспирација.
Општина Центар ги поканува сите граѓани утре да ја посетат улица Македонија и да се приклучат на позитивната енергија и урбаниот ритам на уметничко Скопје.