Активности, Проекти, Спорт и млади|

Посетете ја веб-страната на Општина Центар, centar.gov.mk и дадете го Вашиот предлог за името на новиот општински Младински центар.

Во рамки на проектот за зајакнување на општинските совети, Општина Центар во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој за многу кратко време ќе стане современ општински Младински центар.

Проектот за реконструкција и пренаменување на објектот на поранешно „Матично“, кој се наоѓа во општинскиот двор, произлезе од одржувањето на граѓанските буџетски форуми во 2019-та година. На форумите покрај Матично, уште два предлог проекти добија поддршка за реализација – сензорните соби во трите центарски градинки и отворените културни сцени.

Градоначалниците на Општина Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, на почетокот на ноември ја најавија изградбата на новиот Младинскиот центар, каде после изминати неполни три месеци, градежните работи се на самиот крај.

Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.

Реконструктивниот зафат чини 6.941.282,00 денари со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074,00 денари од Буџетот на општината за 2020-та година, а останатите 1.173.208,00 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), во форма на донација.

Сите граѓани кои имаат желба, можат да го дадат својот придонес, да ја посетат веб страната на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог.

Comments are closed.

Close Search Window