Пресс|

На денешната прес-конференција одржана во салата за состаноци во Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ го презентираше извештајот за реализираниот Буџет на Општина Центар за 2019-та година.  Реализацијата на приходите во 2019-та година изнесува 101% или во апсолутни бројки, вкупниот износ е 623.052.000,00 денари.

Нацрт-буџетот на Општина Центар за 2020-та година кој беше предложен на 39-та седница на Советот, проектиран е вкупен основен буџет во износ од 656.094.000,00 денари, буџет кој е рекорден во историјата на Општина Центар.

Проектираните расходи во основниот буџет на општината се планираат за финансирање на сите надлежности кои и припаѓаат на општината согласно закон, како и за тековното работење на општинската администрација , градоначалникот  и Советот на Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ги најави планираните проекти кои треба да започнат со реализација во 2020-та година.

„Во новата година започнуваме со изградба на монтажен паркинг во Дебар Маало со вкупен износ од 30.000.000,00 денари, реконструкција на улицата ‘Орце Николов’ со приоритет на велосипедистите и пешаците со вкупен буџет од 30.000.000,00 денари, изградба на инфраструктура со коловози и тротоари на новопланирана улица – крак на улицата ‘Васил Ѓорѓов’ со буџет од 30.200.000,00 денари како и пренамената на улицата ‘Мирослав Крлежа’ во пешачка зона со ново осветлување и урбана опрема, коловози и тротоари“ – изјави градоначалникот.

Дваесет и три милиони денари се планирани за изградба на дел од улиците, 12.000.000,00 денари за одржување и обезбедување на нова урбана опрема во Општина Центар и 12.000.000,00 денари за одржување и ново парково зеленило за жителите на Општина Центар.

„Во 2020-та година ќе воведеме новитети во одржување на јавната чистота. Планираме да воведеме двосменско работење, ќе ангажираме лица и нови машини за чистење, како и набавка на сензори за мерење на бучава“, додаде градоначалникот Богдановиќ.

Врз основа на добиените грантови од Владата за намалување на аерозагадувањето, Општина Центар ќе спроведе проекти во градинката „Кочо Рацин“ – клон Панорама со вкупен износ од 4.000.000,00 денари за замена на нееколошките системи за загревање и 1.366.529,00 денари за зазеленување на училишниот двор во ООУ „Коле Неделковски“.

Останатите средства кои се планираат во буџетот на Општина Центар за 2020-та година се: реконструкција на училишта и градинки во износ од 30.000.000,00 денари, целосна реконструкција на објектот Пепелашка со вкупен буџет од 32.000.000,00 денари и 20.000.000,00 денари за адаптација на урбаната заедница во населба Пролет „Мирче Ацев“ во детска градинка.

Речиси дуплиран е и буџетот за култура за 2020-та година. Во 2019-та година истиот изнесуваше 6.100.000,00 денари, додека сега во 2020-та година изнесува 10.180.000,00 денари. Средствата за образование изнесуваат 9.035.000,00 денари, за спорт 17.280.000,00 денари со плус донации во износ од 15.000.000,00 денари и буџетот за здравствена, социјална заштита на деца ќе изнесува вкупно 17.200.000,00 денари.

Проектите кои ќе продолжат да се реализираат во Општина Центар и се предвидени во рамки на Буџетот на општината за 2020-та година се следните:Центар за грижа на возрасните, еднократна помош за новороденчиња со дополнителни ваучери од општествено одговорни компании, еднократна парична помош за социјално загрозени семејства, проектот „Исправи се!“, стипендии за талентирани ученици и обезбедување средства за хигиена во градинките и основните училишта во Општина Центар.

Comments are closed.

Close Search Window