Активности|

Овој викенд заврши литературниот тринеделен проект „Денови на книгата во Центар“, кој имаше за цел да ја приближи книгата до читателската публика од сите генерации. Проектот беше реализиран во соработка со општинската читална „Славко Јаневски“ и македонските издавачки куќи: „Светот на Биби“, „Полица“ и „Магор“, кои во исто време вршеа промоција на македонските издавачки куќи и на нивните најнови дела. Овој мал саем на книгата во Општина Центар започна на 4-ти ноември, како дел од одбележувањето на Денот на општината (3-ти ноември). Во период од три недели, Општина Центар ја анимираше читателската публика давајќи придонес кон зголeмување на културата за читање.

Во првата недела се изврши презентација на „Светот на Биби“ и нивните најнови изданија со цел создавање нови читатели вклучувајќи ги децата од општинските градинки и училишта. Втората недела се претстави издавачката куќа „Полица“, со повеќе изданија за пошироката публика, фокусирајќи се на младата популација, толеранцијата и прифаќањето на различностите. Тринеделниот настан беше заокружен со делата од „Магор“, кои како и претходните издавачки куќи, секојдневно одржуваа презентации со реномирани автори и професори претставувајќи ги своите најнови изданија со акцент на детската литература.

Повеќе од 500 деца имаа можност да научат нешто повеќе за книгите и ликовите кои ги сакаат и од стручни лица правилно да се насочат кон квалитетна детска литература. Задоволството кај децата беше поголемо бидејќи имаа ретка можност да се запознаат лично со авторите на најпопуларните детски книги. Издавачките куќи по завршувањето на проектот го збогатија фондот на читалната „Славко Јаневски“, донирајќи дел од изданијата кои беа претставени на настаните.

Зголемувањето на културата за читање и афирмирање на општинските читални ќе продолжи да биде една од главните активности во програмата за култура на Општина Центар.

Comments are closed.

Close Search Window