Совет|

Советот на Општина Центар вчера ја одржа 36-тата седница. Прва точка на дневниот ред беше донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт И 06 – Пролет. Со новиот ДУП се предвидува изградба на детска градинка, предвидено е решавање на проблемот со паркингот кој жителите го имаат во овој дел од Центар и тројно е зголемена површината за зеленило, односно од 4283 м2 на 12.811 м2.

Советниците на седницата го изгласаа и ребалансот на буџетот на општината. Со новиот ребаланс, за 110% се зголемија средствата за лични асистенти на деца со потешкотии во развојот, со што значително се олеснува работата со оваа загрозена категорија на граѓани. Со кратење од тековно-оперативните трошоци на општината, зголемени се и средствата за доделување на стипендии на талентирани ученици од областа на спортот, науката и културата, а за 1 милион денари е зголемена ставката за парична помош на лица од семејства со висок социјален ризик, односно наместо досегашните 2.5 милиони денари, сега изнесува 3.5 милиони.

На седницата се усвои и прифаќањето донација од „Првиот скопски извиднички одред“ на 30 дрва кои ќе бидат засадени на различни локации низ општината, а советниците ги изгласаа и усвоија измените и дополнувањата на програмите за работа на секторите и одделенијата во општината.

Седницата беше прекината заклучно со изгласувањето на 13-тата точка и за датумот на одржување на продолжението на истата, јавноста ќе биде дополнително запознаена.

Comments are closed.

Close Search Window