Активности, Образование|

Под слоганот „За среќно детство“, денеска во присуство на високи државни функционери, амбасадори, Министри од Владата на Република Северна Македонија, градоначалници, Министерот за образование, наука и технолошки развој во Владата на Република Србија, Младен Шарчевиќ, семејството на Глигоров, просветни работници, родители, деца и граѓани, Општина Центар со свечена церемонија го означи почетокот со работа на новото основно општинско училиште „Киро Глигоров“.

Едночасовната програма ја отвори Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој во своето обраќање до присутните изјави:

„Денес конечно се оствари сонот на многу Центарци, пред сé мои соседи од најгусто населената населба во општината – населбата Капиштец, да добијат свое училиште. Училиштето било планирано да се гради уште кога почнала изградбата на нашата населба. Училиштето кое било ветувано и препишувано од програма во програма, денес конечно станува реалност. Децата од Капиштец, но и децата од непосредната близина ќе го завршат своето основно образование во својата населба и во својата општина. Ќе учат и ќе го завршат своето основно образование во новото, и на овие простори,  најмодерното училиште. Дали после ова прекрасно здание треба да бидеме среќни. Јас би рекол ДА. Но, дали и задоволни ќе кажам НЕ. Не треба да прекинеме да работиме за нашиот Центар и нашите граѓани се додека секој дел во општината не го направиме како ова катче“ .

За идните планови на општината во делот на образованието, Богдановиќ истакна дека општината планира догодина да реконструира најмалку 3 основни училишта и да го доближи со квалитет до новото основно општинско училиште „Киро Глиегоров“.

На настанот говореа и Министерот за образование и наука, Арбер Адеми и Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев.

Осврнувајќи се на важноста од единствена визија за значењето на образованието, Министерот Адеми го поздрави отворањето на новото општинско училиште:

„Најголема заслуга за реализација на овој проект има Општина Центар, која успеа да го заврши училиштето порано од предвидениот рок и со тоа покажа дека влогот во образованието е приоритет на локалната самоуправа, кој дава значаен придонес во развојот на националниот образовен систем. Оваа инвестиција на Општина Центар е пример кој треба да го следат и останатите локални самоуправи. Само со идентична визија и идентичен поглед на важноста на образованието, квалитетот на инфраструктурата и наставата, можеме да создадеме подобри услови за едукација на нашите деца.“ 

Пред присутните зборуваше и Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев кој спомена дека ООУ „Киро Глигоров“ постави стандард за сите идни објекти во кои престојуваат и се едуцираат децата.

„Ова училиште е модел според кој ќе се градат сите наредни училишта во нашата земја и модел според кој ќе се реконструираат сите веќе постоечки училишни објекти. Тоа е обврска на нас како Влада и на локалната самоуправа. Вложувањето во образованието е најблагородната задача која едно општество ја остварува. Тоа е вложување во најскапоцениот капитал кој го имаме – нашиот народ, идните кадри, иднината на земјата.“ – изјави Претседателот на Владата, Зоран Заев. 

По завршување на свечениот прием гостите беа поканети на обиколка на училиштето со цел одблиску да се запознаат со спецификите на новото училиште.

ООУ „Киро Глигоров’ е прво ново – изградено училиште на територија на Општина Центар по 50 години. Темелите на училиштето беа поставени во 2016 година, а започнува со работа само 3 години подоцна.  Името на училиштето е избор на граѓаните кои на анкетата на веб-страница на општината, на ова име, му доделија најмногу гласови.

Училиштето е изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца и е  училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа, комплетно уреден според потребите на корисниците.  

Comments are closed.

Close Search Window