Активности|

На седница одржана на 11 јуни, Советот на Општина Центар гo усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт И 04 – Даре Џамбаз.

Освен усогласување на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје 2012 – 2022 година, со ревизијата на постоечкиот ДУП постигнати се и низа придобивки во интерес на жителите и урбаното живеење.

Главен фокус е ставен на зачувување на јавните површини и парковското зеленило, кои согласно претходниот ДУП требаше да бидат пренаменети во катна гаража и отворен паркинг.

Сепак за да се обезбедат доволно паркинг места во овој дел од градот, планираната катна гаража одпретходниот план каде во моментов веќе постои реализиран парк, е дислоциранана локација непосредно до транзитната магистрална улица, булевар „Македонија“, а се задржува и постоечкото детско игралиште помеѓу трите станбени блока, наместо паркинг како што беше предвидено претходно.

Обврската за инвеститорите, за паркирање во сопствена парцела која се имплементираше и во претходните ревидирани ДУП-ови, се имплементира и во ДУП Градска четврт И 04 – Даре Џамбаз.

Така, услов за реализација на единствениот планиран објект со намена домување во станбени згради во овој ДУП, е обезбедување на потребниот број на паркинг места во рамките на градежната парцела, за разлика од претходниот план каде беше дозволено паркирање во планираната катна гаража.

Со новиот ДУП се брише и надградба на постоечки објект кој се наоѓа помеѓу двете најсеверни кули во комплексот градби долж улицата „11 Октомври“ и сите објекти се задржуваат во постојната состојба.

„Нашите приоритети остануваат исти: многу повеќе зеленило, локални паркови и детски игралишта. Секако, и обезбедување на доволно паркинг места. Од усвојувањето на првиот ДУП по мораториумот, паркирањето во рамки на сопствена парцела станува обврска на секој иден инвеститор. Наша цел е и државното земјиште кое согласно претходните ДУП-ови било планирано за изградба на објекти да го пренамениме во јавни површини од интерес на граѓаните. Од првиот момент, од воведувањето на мораториумот, при носење на ревидираните ДУП-ови се стремиме да ги запазиме параметрите на урбано и хумано домување, да напариме планови кои ќе обезбедат непречено струење на воздухот и доволно природна светлина помеѓу објектите. Со имплемнтирање на сé ова, во целост ќе се потврди оправданоста на мораториумот“ – изјави Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Вкупната површина на планскиот опфат изнесува 7,85 ха, а границите на ДУП Градскачетврт И 04 – ДареЏамбаз се дефинирани во ГУП на Град Скопје 2012-2022 и истите се:

  • На северо-исток по оската на Ул. „11 Октомври“
  • На југо-запад по оската на Бул. „Македонија“ (Јужен булевар)
  • На северо-запад и запад по оската на Бул. „Кочо Рацин“

Comments are closed.

Close Search Window