Активности|

Општина Центар започнува голема акција за собирање на отпадното масло од домаќинствата, во соработка со „Суниленс“ – овластена и сертифицирана компанија за управување со отпадни масла и масти за јадење од растително потекло.

Отпадното масло, искористен и прегорен зејтин од процесите на подготовка на храна, кое што досега завршуваше во канализација и понатаму предизвикуваше последици врз почвата и водата и воопшто здравјето на луѓето, наместо неконтролирано да се исфрла ќе се собира преку постоечкиот еко систем на „Суниленс“ наменет за домаќинствата.

Секое домаќинство што користи зејтин и други видови растителни масла во процесите на подготовка на храна, има можност, отпадното масло да го собира во пластични садови од 3 литри, кои што по полнењето ќе ги превземат одговорни лица од „Суниленс“. За секоја полна кантичка, собирачот добива 0,5 литри сончогледово масло за готвење, кое што може да го задржи за себе или да го донира преку ЗГ „Љубезност“ до социјално загрозено семејство во рамките на еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“.

За да се вклучат во акцијата, граѓаните треба да се јават на еко линијата 070 264 444 за добивање на садот и понатаму за предавање на отпадното масло откако ќе го наполнат истиот. Оваа еко акција ќе се спроведува во текот на следните месеци, во соработка со урбаните заедници во Општина Центар.

Преку концептот на циркуларна економија, отпадното масло се собира, складира, филтрира и прочистува за на крај да се добие еко суровина која се рециклира во биодизел од страна на реномирани европски фабрики. На овој начин, како одговорни граѓани, ја искажуваме нашата грижа за животната средина, здравјето, заштитата на почвата, водите, растителниот и животинскиот свет.

За сите информации, печатени се летоци, кои што можат да се подигнат во канцелариите на урбаните заедници, како и постери, залепени на вратите на станбените објекти на целата територија на Општината.

Општина Центар, како еколошки свесна општина, ги поттикнува сите граѓани на поголема одговорност и грижа за животната средина и одрживиот равој на заедниците.

*Дали сте знаеле дека: Секој литар отпадно масло за јадење кое се рециклира во процесот на производство на биодизел, придонесува до 80% намалување на штетните CO2 гасови!

Comments are closed.

Close Search Window