Активности, Образование, Спорт и млади|

На денешната прес-конференција градоначалникот Саша Богдановиќ го најави започнувањето на проектот за доградба на училиштен објект во рамките на ООУ „Коле Неделковски“.

„Општина Центар е општина што инвестира во капитални проекти за современо образование. Нашите заложби се насочени кон изградба на нови објекти по европски стандарди што ќе овозможат квалитетни и безбедни просторни услови во училиштата, креирани за потребите на нашите ученици и воспитно-образовниот кадар. Поради густата населеност во овој реон и заради зголемувањето на бројот на учениците, постојниот училиштен објект има потреба од нов простор, проширување на капацитетот на училници и обезбедување услови за лицата со инвалидитет“, изјави Богдановиќ.

Проектот за доградба на училиштен објект во ООУ „Коле Неделковски“ ќе биде изведен на површина од 485 квадратни метри, а новиот објект ќе се состои од приземје, еден кат и четири училници што ќе бидат поврзани со вертикална комуникација од скалишното јадро и лифт за пристап на лицата со инвалидитет. Покривната конструкција и фасадата ќе бидат енергетско-ефикасно изведени, а на надворешноста на прозорците ќе бидат поставени филтри (наномембрани) што ќе го прочистуваат воздухот во затворен простор од смог, микроорганизми и УВ-зраци. Објектот ќе има пристапна рампа, помошен излез и нови тоалети за потребите на лицата со инвалидитет.

Минатата година Општина Центар спроведе активности за хортикултурно уредување на училиштниот двор во ООУ „Коле Неделковски“ со финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија, при што е реконструирана тревната површина, засадени се 570 садници со ниска вегетација и поставен е автоматски систем за наводнување. Општината постави и нов епоксидален под, проект што се реализира со поддршка од УСАИД и Македонскиот центар за граѓанско образование.

Вкупната вредност на проектот изнесува 28.000.000,00 денари, а средствата се обезбедени од општинскиот буџет. Конструктивните, естетските и содржинските барања на објектот ќе бидат во согласност со Деталниот урбанистички план – Дебар Маало 2 и според меѓународните стандарди за изградба на објекти за образовни дејности.

Comments are closed.

Close Search Window