Активности, Култура, Образование, Спорт и млади|

Делегација на Општина Центар, предводена од градоначалникот Саша Богдановиќ, денес беше во посета на општината Стар Град во Белград, Р. Србија.

Градоначалникот Богдановиќ, заедно со соработнците, остварија средба со претседателот на општината Стар Град, Радослав Марјановиќ, заменик претседателот на општината, Александар Тодоровиќ и со претставници на општинските одделенија и членови на Советот на Стар Град.

На состанокот, Богдановиќ и Марјановиќ разговараа за обнова на соработката помеѓу двете централни општини од Северна Македонија и Србија, Стар Град и Центар, кои се збратимени од далечната 2001-ва година.

„Повелбата за соработка е потпишана уште во поранешна Југославија, а договорот за збратимување на општините е потпишан во 2001-ва година. Денес отворивме доста теми и разменивме искуства во областите на културата, образованието, науката, архитектурата, но и во други области кои нас нѐ поврзуваат“, изјави при посетата градоначалникот Богдановиќ.

На средбата се дискутираше за заеднички посети на деца од основните училишта во двете општини, спортска соработка, особено помеѓу двата кошаркарски клубови, КК „Работнички“ и КК „Динамик“. Богдановиќ и Марјановиќ разговараа и за отворањето на културни центри во двете општини, за позитивните локални пракси, како и за комуналните и паркинг решенија и сервиси.

На средбата, Богдановиќ до Марјановиќ ја изрази благодарноста на граѓаните на Општина Центар, но и на целата држава, за несебичниот ангажман, помош и поддршка што Србија им ја пружи на македонските граѓани во периодот на КОВИД 19 вакцинацијата и имунизацијата.

Comments are closed.

Close Search Window